Добрата содржина предизвикува интеракција со публиката

Верче се приклучи на нашиот тим како ментор за Content Marketing. Во ова интервју со неа, ќе имаш можност подобро да ја запознаеш.


Освен што е Copywriting/Messaging консултант со повеќегодишно искуство како соработник на B2B, SaaS и eCommerce компании во земјава и во светот, таа е и талентиран писател. 


На часовите на Galeksia ќе имаш можност да се стекнеш со практични вештини споделени преку нејзиното богато искуство. А што всушност вклучува тоа? Прочитај во интервјуто што следи.

  1. Раскажи ни како започна твојата кариера и како се развиваа твоите вештини со текот на времето?


Сè почна спонтано, и ова е можеби единственото нешто во животот што не ми беше однапред испланирано.


Отсекогаш зборовите ми биле силна страна, но ако речам дека некогаш сум мислела дека ќе бидам copywriter, а подоцна и маркетер – ќе излажам. Во минатото не знаев дека човек може да заработува за удобен живот работејќи нешто вакво; израснав во време кога IT изгледаше како единствената насока која може да донесе голем успех. 


Место веднаш да барам работа после моите студии (завршив Е-Бизнис), решив да се запишам на втори додипломски студии (Книжевност, кои се речиси при крај) и во меѓувреме живеев од стипендии, продажба на моите книги итн.


Отсекогаш ми беше желба да одам во Кореја и кога дознав дека Филолошки Факултет има соработка со еден од факултетите во Сеул, веднаш знаев дека тоа ќе биде мојот следен чекор. До тој момент да бидам искрена не знаев што ќе работам.


Во Кореја ми беше покриено сместувањето, но секојдневните трошоци морав да ги покривам сама. На моите родители никогаш не сум им барала средства за да ги покријам сите оние екскурзии, подолги и пократки во мојот живот, па така и тогаш, знаев дека ако сакам да одам, ќе треба сама да заработувам доволно за да ги покријам месечните трошоци.


И ете така, почнав да пишувам блогови за клиенти и да поминувам 2-3 часа дневно пишувајќи, што ми беше сосем доволно за да ги покријам трошоците за живот во Кореја (па и нешто да ми остане). 


Меѓутоа, само блогирање не беше нешто во кое целосно се пронаоѓав. Уживав во пишување на sales emails, веб страни, sales pages, video sales scripts итн, и следно започнав да барам клиенти на кои им е потребно истото. 


Тогаш, додека уште бев во Кореја, започнав да соработувам со фирмата во која работам сега – Cognism, како copywriter за нивните email секвенци. 


Секако во меѓувреме работев и на многу други проекти за многу други компании, и тоа ми овозможи брзо да научам, не само што функционира, туку и во што уживам а во што не. 


Таа работа со различни клиенти на различни проекти, производи и понуди, ми овозможи целосно да го разбирам маркетингот во сите негови форми и да го работам она што го работам денес – Product Marketing.

  1. Што те мотивира, што ти е важно за твојата работа, што е она што ја предизвикува твојата креативност за создавање добри содржини?

Сè што правам – мерам. 


Следам колку луѓе ги отвориле моите email-ови, колку луѓе посетиле одреден линк, колку од нив пополниле формулар, кои канали имаат најголем придонес, колку луѓе се појавиле на вебинар којшто сум го организирала, колкава е продажбата која произлегува директно од моите кампањи итн. 


Овие метрики ми овозможуваат на некаков начин да ја „слушам“ публиката, да разберам што сакаат да консумираат а што не, и соодветно на тоа да ја приспособам мојата стратегија и идни кампањи.


Би рекла дека тоа е најголемиот мотиватор за еден маркетер – да гледате како бројките кои ги следите одат нагоре.


Исто така, во маркетингот ништо никогаш не е завршено. Сè е подложно на постојана промена и тестирање. 


Стравот, според мене, е најголем непријател на креативноста. И таа слобода која ви е дадена како маркетер и која ви дозволува не сè што правите да е ултра-успешно е она што ви дозволува да размислувате “out of the box”. Не е крај на светот ако некоја кампања не успее – ја анализирате кампањата, ги наоѓате лекциите, и преминувате на следната. 

Не мора сите кампањи да се за паметење. Ама само преку создавање на многу содржини, преку многу тестирање, ќе успеете да дојдете до стратегии и активности кои вредат да влезат во вашиот playbook. 

  1. Како се доживуваш себе си, пред сè како писател или како маркетер?


Ах колку тешко прашање! Искрено се борам да ја најдам вистинската дефиниција за себе и не знам кој е мојот личен бренд – дефинитивно во моментов многу подолго време поминувам работејќи како маркетер, но пишувањето приказни останува моја прва љубов.


А всушност кој рече дека мора да се бира? 


Раскажувањето приказни ми помогна многу во мојата кариера како copywriter, за мене и двете нешта се дел од мојот идентитет, и мислам дека токму таа комбинација е онаа што прави јас – да бидам јас. 

  1. Според тебе, што е она по што се разликува одличната содржина од просечната работа?


Секоја содржина е просечна, пред да се тестира и поправи. Содржините не настануваат во вакум и креативноста не се мери според бројот на нови, интересни зборови кои ќе ги искористите или интересна креатива. 

Добрата содржина е онаа која предизвикува некаква интеракција со публиката, и оние кои стојат зад добрите содржини се луѓе кои многу добро ја познаваат својата публика, јазикот кој таа публика го користи, типот на содржини во кои ужива, проблемите со кои се соочува. 


Сè почнува и завршува со публиката – не  мора ништо да измислувате, доволно е да слушате за што вашата идеална публика зборува и како зборува за нештата, и таму, во нивните зборови и секојдневни проблеми, ќе најдете сè што ви е потребно.

  1. Што е она што ти се допаѓа во твојата работа?


Постојаните промени, постојаното учење! Освен тоа работам со навистина инспиративни луѓе кои се вистински професионалци во она што го работат, а знаете како велат – убаво е да се опкружувате со луѓе на кои им се восхитувате. 

  1. Што е поважно, креативност или поголема продажба?


Креативноста, меѓу другото, е наоѓање начини да се зголеми продажбата. 

  1. Сподели искуство за креативна кампања на која си работела, а која значително влијаела на твојот развој – што научи и што е она кое можеш да го споделиш како искуство?


Дефинитивно еден од претходните Product Launches. Лансирањето на нов feature или производ е комплексен процес во којшто се вклучени речиси сите департмани во компанијата. 


Претпоставувам дека многу луѓе кои не се запознаени со тоа каков е патот на еден производ од производство или development до пазарот мислат дека улогата на маркетинг департманот е да направи неколку банери и постави неколку реклами. Во суштина, процесот е многу комплексен и бара пронаоѓање на вистинската публика, истражување на публиката и нивните проблеми, создавање различни стратегии за комуникација со постоечки клиенти и потенцијални потрошувачи, позиционирање, изработка на креативи и промотивни текстови, изработка на материјали кои го потпомагаат секторот Продажба, тренинзи, email-ови, блогови, видеа, реклами, landing pages, вебинари, тестирање различни креативи/CTA, следење и анализирање на резултатите, оптимизација итн. 


Она што го научив и го применувам сега е важноста на создавање на повторлив модел којшто ќе ве води низ целиот процес. Сега веќе имам модел којшто го следам и кој ми дозволува да ги планирам лансирањата навремено и да го намалам стресот којшто истите го предизвикуваат (добро, не целосно, малку стрес секогаш останува кога нешто оди live).


Освен тоа, научив дека интерниот маркетинг е исто толку важен колку и комуникацијата со потенцијалните купувачи и постоечки клиенти. За успешно лансирање на нешто ново, треба сите департмани да разбираат што тоа значи за компанијата, како истиот производ ќе се позиционира, кои се бенефитите од истиот, како се користи итн, и најважно од се, вашата работа како (продукт) маркетер е да создадете возбуда околу тој нов производ прво внатре во фирмата во која работите, а потоа нормално и надвор, меѓу вашата целна публика. 

  1. Ако ти е претставен нов производ или нова карактеристика за промоција, од каде го почнуваш твоето истражување, на што се фокусираш прво?


Сè почнува и завршува со публиката. 


Прво што правам е мапа на pain points. Тоа се оние проблеми со кои одредена целна публика се соочува и кои би биле решени со одреден производ. 


Како се запознава публиката? Читање reviews, разговори со акаунт менаџерите, следење на sales повици (снимени или во живо), состаноци со клиенти итн. 


Откако ќе разберам со што се соочува целната публика во своето секојдневие, следно почнувам да работам на позиционирањето и пораката која ќе се користи при продажба и маркетинг. 


А штом ја имам главната порака и знам кого треба истата да придобие, веќе другото станува полесно.

  1. Што да очекуваат идните студенти на Galeksia, што е она што ќе го научат од тебе, а ќе им помогне професионално?


Ја знаете онаа изрека Content is king? 


Сè уште е така, и така ќе остане. Каналите се менуваат, алгоритмите исто така, ама едно нешто останува исто – а тоа е желбата на луѓето да консумираат добри содржини, и нивната нетрпеливост кон лошите. 


Во Galeksia ќе учиме типови на содржини, ќе направиме разлика помеѓу она што функционира и она што не функционира, ќе создадеме јасна шема која ќе им помогне на идните студенти при донесувањето одлуки во однос на тоа каква содржина треба да создадат за различните фази од она што ние маркетерите го нарекуваме funnel, како и како да се поврзе Content стратегијата со целите на еден бренд – зашто Content marketing-от треба директно да произлегува, и да потпомага во остварувањето на бизнис целите. 


Конечно, се надевам дека на студентите ќе успеам да им доловам колку е ова една интересна дисциплина, во која нема грешки, туку само лекции и во која креативноста е секојдневие. 


Не пропуштај ги најновите вести, директно во твоето сандаче