Студентите сакаат да научат и веќе имаат план како да го искористат знаењето

Започнуваме со нова серија на интервјуа преку кои ќе можете да ги запознаете менторите на Galeksia.


Сите ментори се сертифицирани од Digital Marketing Institute и имаат долгогодишно искуство и експертиза во полето кое го предаваат. Со нивна помош заеднички ќе го совладаш материјалот со сите детали од областа на дигиталниот маркетинг.


Еден од менторите е Теодор Јосифовски кој ќе ти помогне да стекнеш или да го усовршиш твоето знаење за дигитален маркетинг од областа на SEO (Search Engine Optimization), Paid Search (PPC), Website Optimization и Google Analytics.


Прочитај повеќе за Теодор од нашето интервју со него.


1. Здраво Теодор, ти се занимаваш со SEO, PPC, Website Optimization и Google Analytics, може ли накратко да ни објасниш што всушност претставува твојата работа?


Мојата работа знае да биде многу различна, зависно од клиентот. Kако SEO Analyst прва задача ми е да утврдам дали воопшто за даден сајт е исплатлива долгорочна SEO стратегија. 


Technical SEO станува се попопуларно, а воедно и блог стратегии за планирани содржини. Клиентите често ми приоѓаат со нивна идеја за што сакаат да постигнат, па имаме дискусија за валидноста на целите кои се поставени и од таму кроиме план.


Не е исклучено и да одлучам дека Google AdWords стратегија носи побрзи и поефективни резултати. Во такви случаи предоложувам минимална оптимизација и маркетинг стратегија со платени огласи низ различни канали.


2. Можеш да се пофалиш дека имаш работено за 7 различни држави и во 11 различни индустрии. Што би споделил од тоа искуство?


Искрено, мислам дека се многу повеќе и држави и индустрии во кои сум работел, но престанав да ги бројам. Секако, голем број од договорите кои ги имам потпишано ми забрануваат да откријам имиња на компании. 


Најфасцинантни ми се канадските проекти, бидејќи Канада е билингвална. Играта станува различна кога една веб страна има два јазика и пребарувањата варираат многу од регион до регион. Секако, имам работено и на веб сајт со поддршка на 20 јазици, но во тој случај оптимизиравме само за англиски.


3. Кој ти е омилен проект на кој си работел и зошто тој те прави посебно среќен?


Пред можеби 3 години, ми пристапи еден сопственик на портал од Нигерија. Неговата идеја за оптимизација беше ужасно лоша, а и примарната анализа откри дека едноставно е неисплатливо да се оптимизира. Сајтот беше негов, содржината беше негова и некако немаше волја да се откаже така лесно.


По долга дискусија, се сложив да документирам една долгорочна стратегија која клиентот сам требаше да ја изведе. Со дено-ноќна посветеност, клиентот имплементираше сè што беше документирано и сајтот застана на здрави нозе. 


Ме прави посебно среќен дека клиентот работеше околу 6 месеци само со надеж и доверба. Доверба во документираната стратегија и надеж дека исправно поставен сајт ќе добие поддршка и од Google.


4. Што претставува за тебе улогата на предавач и ментор? 


Мене предавањата ми се пред се шанса за дискусија на идеи. Секој има некоја идеја која мисли дека е уникатна, вреди злато и прави милиони преку ноќ. 


Уникатните идеи се ретки и успешна монетизација на истите никогаш не е едноставна. Мојот пристап кон студентските идеи секогаш бил сериозен. Споделувам знаење и корисни совети кои ќе им помогнат и во случај да откријам дека залутале, им давам насока. 


5. Mожеш ли да одбереш бренд кој би те претставувал како личност и зошто?


Не верувам. Брендовите обично се дизајнирани да зборуваат на нивната целна демографија, а јас едноставно кажувам што мислам. Тоа знае да биде и на моја штета, а и сам сум крив, бидејќи сум потполно свесен дека понекогаш кажувам нешто што луѓето не се спремни да го чујат. 


6. Кој факт од светот на дигиталниот маркетинг те зачудува секој пат кога ќе го помислиш?


Ме фрапира успешноста на таргетирани огласи и колку луѓето се спремни да потрошат. Има неколку сезони на трошење во годината и секогаш мислам дека се игра близу до нулата на сметка. Тоа важи и за странски пазари, а воедно и за македонскиот пазар.


7. Поминаа два од предвидените четири модули на кои што ти си ментор. Како си задоволен со досегашните резултати и студентите од двете групи во првиот термин на програмата?


Задоволен сум што студентите не само што сакаат да научат туку некои од нив и имаат план како да го искористат знањето. Мислам дека потребно беше време да се опуштат и да прашаат нешто конкретно, ама сфатија дека сум многу отворен за дискусија. 


Мене прашањата од студентите ме радуваат и ми даваат некој спокој – гледам дека ме разбираат и се обидуваат да го стават знањето во контекст на нивната визија. 


8. Поради моменталната ситуација, сите предавања се приспособени за онлајн настава. Како е да се предава онлајн и кои се придобивките и недостатоците според тебе?


Има придобивки дефинитивно, онлајн наставата дозволува да предаваш и по тренерки. Дозволува и студентите да слушаат по пижами. Шала настрана, во многу случаи е и подобро за поставување прашања. Сите и онака се срамат да постават прашање, па вака во текот на предавањето прво го прашуваат Google, па ако не најдат одговор, се охрабруваат/фрустрираат доволно за да ме прашаат мене. 


Мислам дека за време на кризава и луѓево се поспокојни да бидат дома. Штедат и време на транспорт, а и некако го заобиколуваат ефектот на полицискиве часови кои цело време се менуваат.


Сигурно и полесно се балансираат обврските во случај некој да е веќе вработен – предавањава во овој формат дозволуваат и да се прибереш дома и да јадеш како човек. 


Негативни аспекти секако има, ама не е страшно. Мене главно ми смета да не се гледам лице в лице со студентите затоа што ме фаќа страв дека некаде сум им го изгубил вниманието. Ама сè е навика – верувам дека после два модула сум покомфорен, а и ги поднаучив студентиве да пуштат глас од време на време. 


9. За крај, може ли да ни раскажеш како Теодор го користи слободното време и кое е неговото хоби?


Изминативе две години бев во Русија и не можев баш да се посветам на моите хобија. Сакам да правам вафли, а секоја пролет правам и ликери. 


Вафлите се комбинираат со состојки кои скоро секогаш се експеримент. Експреримент е и тестото, а и мастрафот. Ликери најчето правам од кафе, вишна и ореви, но секако секогаш сум отворен и за предлози.

Правење вафли и ликер - Хоби на Теодор Јосифовски

 



Доколку сакаш да започнеш кариера како дигитален маркетер или да го надоградиш твоето знаење, нашите ментори ќе се погрижат да имаш беспрекорно искуство при изучување на нашите програми.


Запиши се на некоја од програмите на Galeksia и стани сертифициран професионалец во полето на дигитален маркетинг.

Не пропуштај ги најновите вести, директно во твоето сандаче