НА МУАБЕТ СО МЕНТОР – КОЈ Е ДАРКО И ШТО ЌЕ НАУЧАТ СТУДЕНТИТЕ ОД НЕГО?

Meet Дарко Булдиоски – нашето најново засилување во тимот на ментори на Galeksia! Искусен маркетер, тренер и speaker, кој ќе ти го пренесе сето свое знаење за модулот Digital Marketing Strategy!

Во ова интервју ќе прочиташ повеќе за неговите почетоци, каква е неговата историја со дигиталниот маркетинг, за модулот Digital Marketing Strategy, што тој ќе те научи на неговите предавања, какви совети може да добиеш од неговото долгогодишно искуство и уште многу корисни информации.

Во моментов е Digital CX Manager на TTTech Group и Program Director на една од најуспешните регионални конференции – AllWeb. Преку бројните практични примери со кои се запознал работејќи за некои од најголемите брендови и компании како Dell, A1, Telekom, The Coca Cola Company, Diners Club, ProCredit Bank, Vodafone (and the list goes on and on.. 😊), ќе ти помогне да ги совладаш клучните тактики и вештини за да креираш успешни Digital Marketing стратегии.

Дарко има навистина многу што да ни сподели, не пропуштај да го прочиташ целосното интервју подолу!

 

Запиши се!

 

1.Дарко, здраво! Официјално, добредојде во тимот 😁. Почнувајќи од оваа група ти ќе го предаваш модулот Digital Marketing Strategy овде во Galeksia. Ние едвај чекаме да ги видиме првите реакции на новите студенти. Ти како се чувствуваш? 

-Возбудено! Нов почеток, секогаш имам малку трема. Со нетрпение очекувам да се вклучам во програмата и да ги запознаам студентите. За мене предавањето е размена на знаење, мотивација за самонадградба и следење на актуелните трендови. А одамна одлучив дека мојот професионален развој нема да застане, никогаш. 

2.Менторството е можеби еден од најголемите кариерни предизвици, има нешто навистина посебно во тоа да го пренесеш стекнатото знаење, а ретко кој го прави тоа успешно како тебе. Нескромно може да кажеме дека си еден од најдобрите digital marketing trainers, не само во Македонија туку и во регионот. Дали ова отсекогаш ти било цел или пак желбата се јавила со текот на годините? Како започна оваа приказна?

-Благодарам за пофалните зборови. Не практикувам сам да се фалам, најчесто велам дека сум еден од првите, а всушност сум прв во Македонија, и дефинитивно меѓу првите во регионот. 

Споделување знаење и искуство е нешто што го носиш во себе, како лична карактеристика, барем јас така мислам. Јас отсекогаш верував и верувам дека несебичното споделување знаење апсолутно секогаш носи плод, на долг рок. Плодовите, секако, може да бидат различни. Од запознавање на нови луѓе, различни искуства и знаења па сѐ до она што можеби повеќе ги интересира маркетинг луѓето, а тоа е повеќе ангажман, работа, клиенти и сл.  

Почнав да организирам настани, предавања, обуки и сл. уште за време на факултетските денови. Подоцна, кога навлегов во полето на новите медиуми бев еден од првите, заедно со неколку мои колеги, кои се обидуваа на секој можен начин да го промовираат позитивниот аспект од користењето на тие нови медиуми. Бевме блогери, и ги учевме другите како да го прават тоа. Почнавме да работиме нови медиуми и потоа почнавме паралелно да го споделуваме тоа знаење. Некаде во 2008-2009. почнавме и со маркетинг комуникација, онлајн огласување и сл. 

Да бидам искрен, со ризик да звучам како бумер, ама не ми делува тоа време како да  било пред скоро 20 години… Уф… многу е… ама со задоволство се потсетувам на минатото. Пред сѐ, затоа што, за жал, некои од работите кои ги зборувавме тогаш на предавањата се релевантни и ден денес. И очигледно ќе има потреба да се повторуваат уште долго време.

3.Како што спомнавме и претходно, ти си најновиот член во нашиот dream team. Зошто се одлучи токму за Galeksia? 

-Пред неколку години направив сериозна промена во својот професионален и приватен живот. Бев подготвен да променам доста работи, но никогаш не помислив дека ќе се откажам од предавањата. За DMI (Digital Marketing Institute) знаев и пред да стане достапен во Македонија. Во минатото имав искуство со една слична програма која навистина ми се допадна. Кога видов дека е достапна и на нашиот пазар, верував дека ќе биде успешна. 

Континуирано, со едно око 😉, следев како се развива и како е прифатена од пазарот, и ете… конечно дојде време да погледнам и со другото око и да се вклучам. 

Ваквите програми ме радуваат затоа што знам дека се резултат на напорна работа на светски експерти и во себе содржат доста актуелни, корисни и употребливи теми и знаења. Да бидам искрен, кога ми се укажа можноста, не се мислев премногу.   

4.Што да очекуваат студентите од твоите предавања? И што тебе лично би ти претставувало најголемо задоволство по завршување на секоја група? 

-Како и на секое мое предавање, студентите можат да очекуваат еден куп примери од моето долгогодишно искуство, може да очекуваат многу добронамерен сарказам и секако многу разглобени дилеми, хипотези и решенија на практични предизвици. 

Јас сум супер задоволен кога нема да можам да застанам на крајот на часот. Кога има толку интересни теми на кои сакаме заедно со студентите да дискутираме што не ни е важно дали поминал часот, дали некој треба да оди на слава или да гледа дерби. 

Од студентите очекувам да научат како да ги поставуваат вистинските прашања и да бидат спремни да ”трагаат” по одговорите во доцните ноќни часови, залепени пред екран 😁.

5.Во областа на маркетингот си од 2005 година, wow! Тоа се речиси две децении. Во кој момент одлучи дека that’s it, тоа е мојата професија? 

-Исправка, во полето на нови медиуми сум од 2005 година ;). Маркетинг, веројатно од 2007 или најточно, и официјално од 2009. Како и да е, мојот that’s it момент беше за новите медиуми… Кога сфатив дека цело време се менуваат, цело време мора да се надградуваш и усовршуваш за да бидеш во чекор… тогаш знаев дека тоа е тоа што го сакам. 

Дигиталниот маркетинг дојде како логично продолжениe, на некој начин беше аплицирање на сѐ што ме движеше и ден денес ме движи напред во професионалниот живот. 

6.Што е тоа што те “влече ”најмногу во дигиталниот маркетинг?  

-Ако зборуваме за дисциплини, веројaтно гледајќи наназад би рекол содржина, аналитика и оптимизација. Ама сѐ е толку испреплетено што многу е тешко после толку години да се свртам назад и да кажам, ова е тоа што најмногу сакам да го работам. Сѐ е до контекстот. 

7.Веќе со години дигиталниот маркетинг е на врвот на професиите со најголема експанзија. Постојано се отвараат и нови компании, работни позиции, а има навистина добар кадар и во нашата земја, така што може да кажеме дека конкуренцијата е на едно навистина високо ниво. Што е пресудно да бидеш успешен во оваа област? Што ти помогнало тебе да се истакнеш и да се издвоиш од толпата?

-Како и, претпоставаувам, во секоја друга професија клучно е да знаеш да размислуваш. Кога ќе ја надмине човек границата на усовршување на некоја репетитивна задача, мора да почне да размислува зошто некои рабoти се развиваат на овој или оној начин. Мора да почне да гледа под површината на најсвежите хакови како да имате поголем досег (reach) на LinkedIn и сл.

Длабоко позади секоја листа на, навидум, банални совети се крие суштина која се повторува одново и одново. Каналот може да се разликува, деталите секако не се идентични, ама суштината е истата. Ако успеете да стекнете вештина, да ја гледате, издвојувате и “играте” суштината, тогаш не е толку тешко да се издвоите. 

8.Колку се разликуваат македонските и странските компании од маркетиншки аспект? 

-Пак ќе кажам, суштината е таа, нема преголеми разлики. Разликите се одразени во деталите. Секако си треба време да ги научите тие детали, ама не е тешко ако знаете што барате да видите и што точно значи секој еден податок. Јас сега работам на глобални, ултра комплицирани, пазари. 

Работам B2B ама на индустриско ниво. Ми требаше време да сфатам каде сум и како функционираат работите на ова ниво. Не можам да кажам дека, готово, го владеам пазарот, далеку е од тоа, ама можам да кажам дека е неверојатен предизвик. Ново искуство кое на сосема друго ниво ме турка напред во процесот на темелно поврзување на маркетингот со продажбата и пред сѐ со основниот бизнис.   

9.Ти си Program Director на AllWeb, една од најуспешните регионални конференции за дигитален маркетинг. Што ја прави AllWeb различна од останатите конференции во регионот? И како одлучуваш за тоа кои ќе бидат говорниците, кои се критериумите? 

-AllWeb од самиот почеток, во 2012 година ја организиравме без да го земеме локалниот или регионалниот пазар како референца. Знаевме што сакаме да правиме, си имавме некои високи стандарди зацртани и малку своеглаво туркавме напред. Ама благодарение на тоа со години го ужива реномето кое го ужива. Горди сме на тоа, да бидам искрен. 

Што се однесува до изборот на говорници… Уф… имате 3 дена? Не можам да пишувам на темава, може некоја маратонска подкаст епизода да снимиме…😁.

Накратко, не се фокусираме на луѓе кои се добри на хартија, туку на говорници кои навистина имаат практично искуство, напредни идеи и се подготвени безрезервно да го споделат своето знаење на сцената и надвор од неа.

10.Знаеме дека за твоите професионални апетити only sky is the limit, но имаш ли некоја неостварена цел? Која е твојата крајна цел, каде се гледаш во иднина?

-Пензиониран YouTube креатор на содржина поврзана со мотори. Каналот ми носи доволно приходи за да можам да патувам низ светот. Опуштено, во дозирана мерка, ги употребувам моите маркетинг знаења и искуство за да го одржувам каналот… Добро звучи, нели? 

11.И сосема за крај, што би ги советувал студентите што сакаат да започнат кариера во областа на дигиталниот маркетинг?

-Започнете да оставате дигитална трага на интернет, веднаш. Почнете да кликате, да правите работи, најдете си тема, пасија, бизнис на некој пријател или роднина и кликајте. Дигнете вебсајт, поставете аналитика, пишувајте мејлови, инсталирајте плагини, грешете… Најголемата инвестиција е вашето време. Бенефитот ќе го осетите многу брзо. Ако ништо друго, кога ќе дојдете на предавањата ќе имате релевантни прашања за менторите. А како што и реков погоре… главното оружје на добар маркетер се добрите прашања.

 

 

 

Биди и ти дел од глобалното семејство на дигитални маркетери на DMI со програмата на Galeksia! Унапреди го своето работење и својот бизнис, или смени ја својата кариера во оваа интересна насока.

Запиши се и учи со нас!

Не пропуштај ги најновите вести, директно во твоето сандаче