Запознај ја Моника Зец, сопственик на мал бизнис за рачно изработена детска облека и производи за деца – Kids&Co. Од неодамна е и дел од learning partners во програмата на Galeksia. Моника е инспиративна личност, посветена мајка и сопруга, минималист во секојдневието и графички дизајнер по професија.
Во ова интервју разговараме повеќе за нејзиното лично искуство како сопственик на мал бизнис во Македонија, како и за аудио подкастот кој го води преку кој ги раскажува секојдневните приказни од нејзиниот живот, за мајчинството, но и за професионалниот и личниот развој. Прочитај повеќе за инспиративната приказна на Моника подолу!
1. Здраво Моника! Ти си сопственик на уникатен мал бизнис Kids and Co кој се занимава со онлајн продажба на детски производи и рачно изработена облека. Раскажи ни на кратко од каде произлезе идејата за ваков бизнис?
Здраво, здраво пред сè :).
Идејата произлезе од мојата улога како мајка и од мојата ќерка. Колку и да ова звучи клише сметам дека не сме ни свесни низ која трансформација поминува човекот кога ќе стане родител, па така што нормално е да од тука произлегуваат и нови идеи и бизниси.
2. Колку е лесно да се започне и одржува мал бизнис во Македонија?
Искрено подеднакво лесно и тешко како во било која друга земја.
Секоја земја си има свои предности и недостатоци, па така би кажала дека истото е и во нашата земја. Меѓутоа многу е битно како ние ќе се поставиме со сите тие пречки и предизвици којшто еден бизнис ги носи. Од тука произлегува тежината.
3. Кои би ги издвоила како најголеми предизвици во работењето? Која е твојата најголема мотивација која ти помага да ги надминеш предизвиците со кои се соочуваш како сопственик на бизнис?
Најголеми предизвици за мене искрено е да се остане смирен и преземен во тешките моменти и во сите тие препреки што водењето на бизнис ги носи. Најголема мотивација дефинитивно ми се моите клиенти и трансформацијата низ којашто поминуваат тие со користење на производите од Kids&Co.
4. Како го применуваш дигиталниот маркетинг во водењето на бизнисот? Кои стратегии и пристапи се покажале како најфункционални за Kids and Co?
Ох, дефинитивно јас немам некои посебни стратегии до сега, се водам според интуиција и според она во кое што верувам и се залагам како личност. Пробувам креативноста и естетиката своја да ја изразам максимално, па можеби тоа е една стратегија којашто би можела да ја издвојам.
5. Покрај водењето на Kids and Co, снимаш и аудио подкасти во кои зборуваш за твоите секојдневни приказни, за мајчинството и за желбата за личен и професионален развој. Која е главната цел која стои позади аудио подкастот?
Искрено уште пред да го започнам Kids&Co имав некој огромен порив во мене да им помогнам на луѓето. Од секогаш сум го имала тој порив. Но, откако станав мајка сето тоа се зголеми x100. Откако го започнав Kids&Co и почнав сè повеќе и повеќе да го проширувам својот бизнис постојано имав чувство како нешто да ми недостига.
Тоа беше тој мој внатрешен глас којшто постојано ми зборуваше дека можам плус дополнително да помогнам некому. Само ако луѓето ја слушнат мојата приказна. Моите решенија на моите проблеми (коишто многу често знаат да се заеднички) и можеби на тој начин ќе ги поттикнам да размислуваат поинаку, да почнат да живеат поинаку.
Зашто на многу сличен начин други допреле до мене, па пробувам и јас понатаму да ја продолжам таа “традиција” зашто од лично искуство знам колку многу тоа може да значи и буквално живот да промени.
6. Што е она што те инспирира во животот?
Ќерка ми. Сопругот. Кучињата. Природата, магијата на природата.
Магијата на еден најобичен момент, како што е моментот кога ја гледам ќерка ми како си игра на лулашки.
Убавината и инспирацијата е во малите моменти барем за мене.
7. На наше огромно задоволство, Kids and Co стана learning partner на Galeksia! Како институт за дигитален маркетинг сме насочени кон тоа да поддржуваме и соработуваме со успешни мали бизниси за е-трговија. Ќе имаш прилика да го споделиш твоето искуство со студентите како гостин-предавач. Каков совет би им дала на сите млади претприемачи или на оние кои се двоумат дали да започнат e-commerce бизнис?
УПОРНОСТ! Упорност, упорност и само упорност.
Луѓето постигнуваат резултати само со огромна упорност и самодисциплина.
Еднаш прочитав една реченица којашто гласеше вака: Сите ние имаме исти можности. Некој секое утро одбира комфорт, а некој одбира подобро утро.
Така што само со упорност нема нешто што човек не го може.
Ноемвриските уписи за DMI програмата се во тек!
Биди и ти дел од глобалното семејство на дигитални маркетери на DMI со програмата на Galeksia! Унапреди го своето работење и својот бизнис, или смени ја својата кариера во оваа интересна насока.
Запиши се и учи со нас!